Аптека 1

072 250 885

Аптека 2

070 260 269

Аптека 3

070 304 700

Остеопенија и остепороза

Остеопорозата е состојба на намалена коскена маса и деградација на коскеното ткиво, што доведува до зголемена кршливост на коските и последователно зголемен ризик од фрактури (скршеници).

Заболувањето се појавува бавно со тек на години и е почесто кај жените.

Се проценува дека повеќе од 60.000 Македонци постари од 50 години имаат остеопороза.

Жените над 45 години кај нас имаат почести хоспитализации за остеопоротични скршеници отколку за карцином на дојките.

1 од 4 жени и 1 од 20 мажи над 65 години кај нас има остеопороза.

Остеопенијата е всушност раниот стадиум на остеопороза, која може да започне на 35 годишна возраст, со прогресивно намалување на коскената маса. Ризикот за фрактури на коските понатаму се дуплира на секои 10 години, како за жени, така и за мажи.

Видови остеопороза

Постојат 2 вида остепороза:

Примарна: се појавува како што старееме и природно опаѓаат нивоата на половите хормони (естроген и тестостерон).

Секундарна: се должи на други медицински состојби (на пр. болести на штитната жлезда) или употреба на лекови (на пр. долготрајно земање кортикостероиди).

Стадиуми

Остеопенија е почетна состојба: цврстината на коските е намалена, но сепак не доволно за да се класифицира како остеопороза. Но, доколку не се третира, постои ризик за развој на остеопороза.

Остепорозата е “тивко заболување,” што значи дека нема симптоми. Остеопорозата најчесто се открива случајно, откако веќе настанала скршеница. Кога имате остепороза, скршениците може да настанат и по едноставно сопнување и паѓање, а понекогаш и без тоа.

Повреди при остеопороза

Најчестите повреди на лица заболени од остепороза се:

скршен рачен зглоб

скршен колк

скршени пршлени

Може да не знаеме дека ја имаме сѐ додека ненадеен пад не предизвика скршеница. Со остеопороза, дури и малите, навидум незначајни сопнувања може да значат сериозни последици, како хируршка интервенција и хоспитализација.

Паѓањето при остеопороза може да има катастрофални последици, особено во зима. 1 од 3 жени и 1 од 5 мажи над 50 години може да се здобие со скршеници, воглавном како последица од остеопороза. Најчестите скршеници се на колковите, подлактицата, надлактицата, но исто така и карлицата, ребрата, натколеницата и потколеницата.

Ако имате остепороза, може да добиете скршеница дури и ако не паднете, само преку чистење снег, на пример. Спонтаните, т.н. компресивни фактури на ‘рбетните пршлени може да бидат суптилни и незабележителни, сѐ додека не почне да боли.

Совети за здрави коски

Важно е во тек на целиот живот да се работи за зајакнување на коскената цврстина, со цел да се спречат повреди во поодминатите години. Мали промени во начинот на живот може да имаат големо влијание врз коскената маса. Еве неколку совети за здравје на коските, превенција и дополнителна терапија доколку веќе имате остеопороза:

Доволно калциум и витамин Д3: калциумот и останатите минерали се градбени елементи за здрави коски, а витаминот Д3 му помага на телото да го врзе калциумот.

Нашите здравствени авторитети отсекогаш им препорачувале на возрасните над 65 години, бремените жени и доилки, бебињата и малите деца да ја дополнуваат исхраната со 10 микрограми (400 ИЕ) витамин Д3, особено ако доенчето прима мајчино млеко или ако прима помалку од 500 ml соодветно збогатена формула.

Сепак, поновите препораки (од 2016 наваму) советуваат дека секој треба да дополнува со витамин Д3 во текот на есента и зимата и во текот на целата година за оние со ограничена изложеност на сончева светлина дури и во текот на летото, како што се оние кои се покриваат од религиозни причини или лицата со затворен, седентарен начин на живот на пр. работа во канцеларија.

Мнозинството луѓе немаат дефицит на витамин Д3, но исто така немаат ни оптимални нивоа.

Онаму каде што има недостаток, на поединците ќе им требаат значително поголеми дози на витамин Д3 од околу 2000-4000 ИЕ администрирани најмалку 3 месеци и потоа повторно тестирани нивоа. Гојазните поединци, пациентите со синдроми на малапсорпција и пациентите кои примаат глукокортикоиди, лекови против епилепсија и антивирусни лекови може да имаат потреба од повисоки дози на витамин Д3 (до 2-3 пати повисоки – најмалку 6000-10 000 ИЕ/ден). Ви препорачуваме да го тестирате нивото на витамин Д3 во серумот пред да земете високи дози на витамин Д3.

Нивоата на 25-хидрокси D [25 (OH) D] се мерат со цел да се одреди потребата од суплементација со витамин Д3.

Витаминот Д3 е витамин растворлив во масти, така што лицата со нарушено варење на храната или потешкотии со варењето на мастите можеби нема да можат добро да го апсорбираат и метаболизираат витаминот Д3. Важно е овие лица да изберат емулгиран (претходно обработен) облик на витамин Д3 за да се обезбеди оптимална апсорпција.

Под 20 ng/mL – Дефицит на Д3

Помеѓу 21-29 ng/mL – Недоволно Д3

Над 30 ng/mL – Доволно Д3

Помеѓу 40-60 ng/mL – Препорачливи нивоа

Над 150 ng/mL – Интоксикација со Д3

Вообичаената формула за претворање на ИЕ во μg е:

ИЕ * 0.025 = μg

Па така, 400 ИЕ е еднакво на 10 μg

Редовен внес – 400-800 ИЕ/ден

Суплементација – 1.000-2.000 ИЕ/ден

Вообичаено – 2. 000 ИЕ/ден

Препорака – 4.000 ИЕ/ден

Безбедна граница – 10.000 ИЕ/ден

Вистинска доза – 20-80ИЕ/kg тел.теж.

Силно препорачуваме да го вклучите витаминот Д3 како дел од Вашиот протокол за зимски додатоци на исхраната оваа година.

Конечни препораки

Намалете пушење тутун и пиење алкохол, или целосно престанете: 3 и повеќе алкохолни пијалоци дневно и пушење воопшто го зголемуваат ризикот од скршеници на коските.

Физичката активност треба да стане редовна навика, ако веќе не е: вежбањето ги зајакнува мускулите и ја подобрува рамнотежата, што го смалува ризикот од паѓање. Исто така, вежбањето кај жени по менопауза го забавува губењето коскена маса.

Коските се важни. Тие ни даваат поддршка за правилно држење на телото и ни овозможуваат да се движиме. Истовремено, ги штитат срцето, белите дробови и мозокот од повреди. Воедно, тие се складиште за витално важни минерали потребни за животот. Коските се грижат за нас на многу начини. Да се погрижиме и ние за нив.

Scroll to Top